Студирање уметност и дизајн во Австралија
Австралиските образовни институции нудат широк спектар на студиски програми и специјализации од областа на уметноста и дизајнот. Преку овие програми, студентите се подготвуваат да бидат уметници и изведувачи или креативни експерти „зад сцената“ задолжени за технички аспекти и поддршка, продукција и слично. Студиите за уметност се многу популарни во Австралија и привлекуваат голем број на домашни и меѓународни студенти.
Можностите за вработување се големи и разновидни и пред се зависат од личниот талент и образованието што ќе го стекнете за време на вашите студии.
Стручни програми (VET студии)
Секторот за стручно образование и обука (VET студии) нуди практични курсеви и професионални програми од сите области на креативната уметност, вклучувајќи филм, телевизија и театар, танц, музика, медиуми, фотографија, печатење и графика, керамика, моден дизајн и технологија, анимација , дигитални медиуми, дизајн на накит, производство на звук, визуелни уметности, па дури и цветен дизајн и уметност на цветно аранжирање (floristry). Професионалните програми се нудат на TAFE институтите, приватните колеџи и на одделни универзитети.
Квалификациите што ги нудат овие програми се Certificate I-IV, Diploma и Advanced Diploma. Курсевите на пониско ниво (Certificates I-III) обично обезбедуваат вовед во избрани дисциплини за уметност, додека повисоките нивоа (Certificates IV, Diploma и Advanced Diploma) практично ги подготвуваат студентите за нивните идни кариери. VET студиите можат да бидат одлична подготовка и вовед за основните студии понатаму, поврзани со областа на уметноста и дизајнот.
Услови за упис на VET студиите се завршено средно образование и положен IELTS тест, а за некои програми дополнителен услов може да биде и портфолио, аудиција или интервју. Стручните програми траат од 6 месеци до 2 години, а цените се движат од 7.000АУД годишно.
Основни студии
Основните студии по уметност и дизајн се нудат на универзитетите, приватните колеџи и на некои ТАФЕ институти.
Покрај дисциплините за општа уметност (глума, танц, музика, графички дизајн, моден дизајн, мултимедија, филм и телевизија, продукција и визуелни уметности), на основните студии постојат и уникатни курсеви како што се циркуски перформанси, музички театар и дизајн на накит.
Студентите можат да избираат помеѓу општа студиска програма (Bachelor of Creative Arts) или специјализирана програма во одредена уметничка дисциплина (на пр. Bachelor of Fashion Design итн.) или наместо практични студии да се одлучат за теоретски (Bachelor of Art Theory).
Студиските програми од креативната уметност можат да се комбинираат како "double degree" (двојна диплома) со други области на студии, како што се бизнис и менаџмент, информатичка технологија или општествени науки.
Услови за упис на основни студии се завршено средно образование и положен IELTS тест, а за некои поединечни програми дополнителен услов може да биде и портфолио, аудиција или интервју. Основните студии траат најмалку 3 години, а пшколарините се движат од 18,000 АУД на годишно ниво.
Мастер студии
Мастер студиите по уметност и дизајн се наменети за студенти кои имаат завршено основни студии во овие области, но и за студенти кои студирале други студиски области, па преку ова ниво на студии сакаат да ја променат својата кариера и да се усовршат во друга насока. Мастер студиите се нудат на универзитетите и на некои приватни колеџи и академии.
Покрај популарните дисциплини, мастер студиите вклучуваат и некои специјализирани студиски програми за уметнички терапевти, кустоси и режисери. Разновидноста на студиските програми им овозможува на студентите да изберат општа студиска програма (Master of Creative Arts) или специфични уметнички дисциплини (на пр. Master od Music Studies и др.). Во зависност од нивните интереси, студентите исто така можат да ги комбинираат студиите по уметност со други области на студии, со што стекнуваат двојна диплома.
Услови за упис на мастер студии се завршени основни студии и положен IELTS тест, а за некои студиски програми дополнителен услов може да биде портфолио, аудиција, интервју или претходно работно искуство од областа на креативните уметности. Магистерските студии траат од една до две години, а цените се движат од 20,000 УСД годишно.
Докторски студии
Докторските студии во областа на уметноста и дизајнот се исто така популарни во Австралија. Тие ви овозможуваат во рамките на вашето уметничка област да ги заокружите своите опсежни студии и да стекнете највисоки квалификации во вашата уметничка дисциплина. Како завршна теза, од студентите обично не се бара да имаат докторски труд, но најчесто креативен проект или комбинација на проект и помала теза.
Услови за запишување на докторски студии се завршени магистерски студии, положен IELTS тест и одобрена тема за истражување, а за некои студиски програми дополнителен услов може да биде портфолио, аудиција, интервју или претходно работно искуство од областа на креативните уметности. Докторските студии обично траат 3 години, а цените се движат од 14,000 УСД годишно.
Курс по англиски јазик
Доколку не ја добиете потребната оценка на IELTS тестот, без разлика која студиска програма или образовно ниво сакате да го запишете, можете да запишете пакет студии, бидејќи образовните институции ви нудат можност да запишете курс по англиски јазик пред главните студии како би можеле да ја надополните оценката на IELTS тестот.
Бројот на недели на курсот по англиски јазик зависи од оценката на IELTS тестот и колку ви недостасува до потребната оценка за упис, а обично за секој пола поен што ви недостасува, образовната институција ви дава 10 недели курс по англиски јазик.