Студирање инженерство во Австралија
Инженерството е дел од технологијата и науката што се фокусира на изградба, дизајн на мотори, машини, структури и електрични системи. Доколку сте заинтересирани за природни науки и технологија, ова е одлична опција за студирање за вас. Инженерството е исто така многу широка област. Постојат многу инженерски подгрупи кои ја сочинуваат оваа дисциплина. Инженерите можат да работат во кариери од електро инженери до астронаути.
Постојат три главни области на инженерство, каде што повеќето универзитети нудат инженерска диплома. Овие три главни дисциплини се: градежништво, електротехника и машинство.
Понудата на работни места за инженери е доста голема во целиот свет, вклучувајќи ја и Австралија, каде различни типови на инженери се на листата на дефицитарни професии. Постојат голем број на специјализации во оваа област за кои можете да се одлучите, а австралиските универзитети нудат високо квалитетно образование за секоја од нив.
Стручни програми (VET студии)
Стручни програми се фокусираат на практични вештини и стекнување на специфични знаења. Постојат многу студиски програми што се нудат на VET студиите на сите нивоа: Certificate I-IV, Diploma и Advanced Diploma. Сепак, за програмите на ниво на Certificate потребно е да поседувате знаење по математика и другите природни науки. Со завршувањето на стручнте студии, ќе стекнете практично знаење од оваа област, така што генерално ќе можете да работите на помошни позиции. Сепак, можете да продолжите на основни студии на некој од австралиските универзитетите и со тоа да стекнете пошироко теоретско знаење и повеќе можности за напредок и усовршување во оваа област. Некои од областите што можете да ги запишете во склоп на VET студиите се Advanced Diploma of Civil and Structural Engineering, Electronics and Communications Engineering, Engineering Technology, Marine Engineering итн.
Услови за упис на VET студиите се завршено средно образование и IELTS тест со оценка 5,5. Државните колеџи во Австралија (TAFE институти) и универзитетите имаат најголема понуда на програми во оваа област, но има и некои приватни колеџи кои се специјализирани за инженерски програми. Студиските програми траат од 1 до 2 години, а школарината се движи од 8,000АУД годишно.
Основни студии
Стекнувањето на Bachelor дипломата е обично првата академска диплома која се добива за студии во една од инженерските науки. Повеќето универзитети нудат различни специјализации кои се бираат по започнувањето на основните студии. Некои од областите кои можете да ги запишете на основните студии се Aerospace, Civil, Chemical, Computer Systems, Electrical, Electronics, Environmental, Mechanical, Mechatronic или Mining Engineering.
Исто така постои и опција за двојна диплома (dual degree), така што студентите честопати комбинираат инженеринг со технологија, менаџмент, дизајн и други области.
Условите за упис на основите студии се завршено средно образование и положен IELTS тест со оценка 6. Овие студии траат од 3 до 4 години, а школувањето се движи од 20,000АУД годишно. Основните студии обично се нудат на државните колеџи (каде цените се малку пониски), но понудата е најголема на универзитетите.
Мастер студии
Мастер студиите по инженерство се за оние кои сакаат да изучуваат дополнителни специјализации во оваа област, да ги унапредат постоечките знаења или за оние кои претходно студирале некоја друга област (на некој начин поврзана со инженерството) и сакаат да влезат во оваа професијата. Исто така, постои опција Master by Research каде што со истражувачката работа придонесувате на знаењата во оваа област. Некои од програмите што можете да ги изучувате се: Electrical Engineering, Structures and Forensics, Electrical Power, Mechanical Engineering, Advanced Engineering - Renewable and sustainable Energy Engineering и др.
Условите за упис на овие студии се завршени основни студии и положен IELTS тест со оценка 6.5. Овие студии траат од 1 до 2 години, а школарините се движат од 22,000АУД годишно. Мастер студиите генерално се нудат на австралиските универзитети.
Докторски студии
Со големиот број на специјализации во областа на инженерството, има и многу теми кои што можете да ги изучувате на докторските студии. Потребно е вашиот план за истражување да го пратите на доктор на науки од оваа област, т.е. на вашиот потенцијален ментор и ако тој одлучи дека е важно да се направи такво истражување и се согласи да биде вашиот ментор, можете да аплицирате на избраниот универзитет.
Услови за запишување на докторски студии се завршени мастер студии, одобрена тема на истражување од страна на вашиот ментор и положен IELTS тест со просечна оценка од 6,5. На одредени универзитети и во одредени области на студии, може да ви биде потребна оценка 7 на IELTS тестот. Докторските студии по инженерство траат од 3 до 5 години, со школарините се движат од 26,000 АУД годишно.
Курс по англиски јазик
Доколку не ја добиете потребната оценка на IELTS тестот, без разлика која студиска програма или образовно ниво сакате да го запишете, можете да запишете пакет студии, бидејќи образовните институции ви нудат можност да запишете курс по англиски јазик пред главните студии како би можеле да ја надополните оценката на IELTS тестот.
Бројот на недели на курсот по англиски јазик зависи од оценката на IELTS тестот и колку ви недостасува до потребната оценка за упис, а обично за секој пола поен што ви недостасува, образовната институција ви дава 10 недели курс по англиски јазик.