Студирање туризам и хотелиерство во Австралија
Проучувајќи го туризмот и угостителството, ги проучувате нормите, принципите и вредностите за развој на деловна стратегија во индустрија која се занимава со обезбедување квалитетна храна, сместување и активности за туристите. Оваа област е наменета за студенти кои уживаат во патувањето и сакаат да имаат динамична кариера која вклучува многу интеракција со луѓето.
Дипломците на австралиските образовни институции од оваа област се едни од најпосакуваните и најбараните во индустријата. Можеби причината, покрај високиот стандард во образованието на Австралија, е тоа што голем дел од БДП-то на Австралија се генерира од туризмот и тоа што ова е една од најразвиените индустрии во Австралија. Студентите кои ја добиваат оваа диплома имаат многу можности, особено ако се земе во предвид дека станува збор за индустрија која бележи голем раст во претходните години.
Стручни програми (VET студии)
Стручните програми нудат практично знаење кое ве подготвува за одредена работа. Многу професионалци од оваа област ја започнуваат својата кариера преку VET програмите за стручно образование и обука. Додека високите студии генерално ги подготвуваат дипломираните студенти за раководни улоги, стручните програми им обезбедуваат на студентите практично знаење за оперативни работи, но понекогаш и за раководни (во зависност од нивото на квалификации за кои што ќе се определите). Квалификациите што може да ги добиете се Certificate, Diploma и Advanced Diploma.
Колеџите нудат различни курсеви од оваа област, па можете да најдете она што најмногу одговара на вашето поле на интерес. Некои од понудените курсеви вклучуваат Hospitality, Travel and Tourism, Hotel and Resort Management, Catering, Food and Drink Production, Commercial Cookery, Patisserie.
Услови за запишување се завршено средно образование и IELTS тест со оценка 5,5. Времетраењето на програмата и школувањето зависи од колеџот и нивото на квалификации што сакате да ги постигнете. Така, времетраењето на студиската програма се движи од 6 месеци до 3 години, a школаринаta од 5,000АУД годишно.
Основни студии
По изборот на универзитет, треба да изберете курс на кој сакате да се запишете, а некои од можните опции се Tourism Retail Management, Tourism Policy Development, Hotel and Resort Management, Tourism Destination Planning and Marketing.
Oсновните студии можете да ги запишете по VET студиите. Дел од испитите од стручните програми се признати, така што може да добиете Bachelor диплома за пократок временски период и пониски трошоци за студирање.
Условите за запишување се завршено средно образование и положен IELTS тест со оценка 6. Времетраењето на студиите е од 3 до 4 години, а школарината се движи од 19 000 АУД годишно.
Мастер студии
Мастер програмите на кои може да се запишете на австралиските универзитети во областа на туризмот се многубројни, а најпопуларни се Ecotourism, International Hospitality Management, International Tourism and Hotel Management, Tourism and Event Management и Sustainable Tourism Management.
Условите се завршени основни студии и положен IELTS тест со просечен резултат 6,5. Мастер студиите генерално траат 2 години, а цените се движат од 23,000 АУД годишно.
Докторски студии
Кандидатите кои сакаат да запишат докторски студии во областа на туризмот и хотелиерството, мора да развијат уникатен пристап и иновативен начин на размислување. Независното истражување бара вредно и темелно истражување на темата, со цел формулирање на нови и оригинални идеи, наоди и теории.
Најпопуларна докторска програма во областа на туризмот е Doctor of Philosophy (Tourism).
Постапката за докторски студии е прво да пронајдете професионален ментор кој ќе ја следи вашата работа. Тој е доктор на науки со искуство во областа што ја студирате. Кога ќе ги доставите своите идеи за истражување и кога он ќе покаже интерес, започнува официјалниот процес на самиот факултет.
Некои од темите што можете да ги истражувате во оваа област се: Hotel Management, Consumer Behaviour, Organisational Behaviour, Social and Cultural Impact of Tourism, Sustainable and Responsible Tourism и многу други.
Условите за упис на докторски студии се завршени мастер студии и положен IELTS тест со оценка 7. Овие студии траат од 3 до 4 години, а школарините се движат од 25,000АУД на годишно ниво.
Курс по англиски јазик
Доколку не ја добиете потребната оценка на IELTS тестот, без разлика која студиска програма или образовно ниво сакате да го запишете, можете да запишете пакет студии, бидејќи образовните институции ви нудат можност да запишете курс по англиски јазик пред главните студии како би можеле да ја надополните оценката на IELTS тестот.
Бројот на недели на курсот по англиски јазик зависи од оценката на IELTS тестот и колку ви недостасува до потребната оценка за упис, а обично за секој пола поен што ви недостасува, образовната институција ви дава 10 недели курс по англиски јазик.